Повик за учество на Tендер за извршување на Консултантски услуги за консолидација на земјиште

Повик за учество на Tендер за извршување на Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Република Северна Македонија, Фаза III – Катастарски премер и техничка документација за земјоделска инфраструктура во Егри

Во рамки на проектот финансиран од Европската унија “Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД), спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, објавен е јавен тендер (Референтен број: 2020/CSAPC/REUDD/105169) за извршување на “Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Република Северна Македонија, Фаза III – Катастарски премер и техничка документација за земјоделска инфраструктура во Егри”.

Активностите што ќе треба да се извршат во рамки на овој тендер вклучуваат: подготовка на катастарски премер (геодетски елаборат за консолидација на земјиште) како основа за регистрација на новата сопственичка ситуација во согласност со усвоениот План за распределба на земјиштето во Егри (Општина Битола), изготвување на техничка документација за рехабилитација / изградба на земјоделска инфраструктура, вклучително и добивање градежни дозволи во согласност со националната правна рамка и утврдување на мери и граници (околчување) на новите катастарски парцели во консолидационата област.

На тендерот можат да учествуваат овластени геодетски компании кои се регистрирани во Регистарот на вршители на работи во функција на консолидација на земјиште при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, во согласност со член 9-а од Законот за консолидација на земјоделско земјиште.

За да можат да пристапат до тендерските документи и да поднесат понуда, заинтересираните компании треба прво да се регистрираат на Порталот на Обединети Нации за Глобален Пазар – United Nations Global Marketplace Portal (УНГМ-UNGM) на: https://www.ungm.org/Vendor/Registration, бидејќи само регистрираните компании имаат право да учествуваат. После успешна регистрација компаниите ќе можат да пристапат до тендерските документи и да ги поднесат своите понуди преку истиот UNGM портал (https://www.ungm.org/Account/Account/Login).

Крајниот рок за поднесување на понуди за тендерот е 8 јуни (понеделник) 2020 година до 08:30 часот.

Дополнителни информации:

Селото Егри (Општина Битола) е првиот проект за консолидација на земјоделско земјиште во Република Северна Македонија по принципот на распределба со промена на границите. Собранието на учесници во консолидација на земјоделско земјиште од Егри со мнозинство гласови од сопствениците го усвои Планот за распределба на земјоделското земјиште во Егри, на 29 јануари 2020 година. Консолидацијата во Егри зафаќа 336 ха земјоделско земјиште и во процесот се вклучени 214 земјоделци. Планот за распределба на земјиштето вклучува намалување на бројот и промена на формата на 874 земјишни парцели во 260 парцели со просечна големина од 1.30 ха (во споредба со 0.38 ха просечна големина пред консолидацијата).

По усвојување на планот за распределба на земјиштето во Егри, треба да започне процесот за регистрација на новоформираните парцели во Катастарот за недвижности проследена со подготовки за инвестиции во подобрување на земјоделската инфраструктура во консолидационото подрачје. Инвестициите во земјоделска инфраструктура, во висина од приближно 360.000 евра, ќе се финансираат од Европската Унија, во рамки на проектот МАИНЛАНД, вклучително изградба на нови пристапни патишта, изградба на нови и реконструкција на постојните канали за одводнување, како и надградба на постојниот систем за наводнување.
Во врска со проектот:
Проектот финансиран од Европската Унија “Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште” – или MAINLAND – го спроведува Организацијата за Храна и Земјоделство на Обединетите Нации (ФАО) за да обезбеди поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведувањето на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2,56 милиони евра (финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2,5 милиони евра) и придонес на ФАО. Истиот се спроведува во времетраење од 3,5 години, почнувајќи од март 2017 до август 2020 година, со очекувано продолжување од една година. Главната цел на проектот е да се реши проблемот со фрагментираноста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.
Веб страна на проектот: www.fao.org/in-action/mainstreaming-national-land-consolidation-programme/mk/

За повеќе информации во врска со ова соопштение за медиуми контактирајте со:
Радмила Славкова, Национален експерт за комуникации (ФАО)
тел: +389 (0)71 21 23 08
E-mail: radmila.slavkova@fao.org

Овој канал не треба да се користи за да се добијат појаснувања за прашања поврзани со самиот тендер. За таа цел треба да се користат исклучиво канали наведени во тендерската документација.

На овој линк превземете Повик за учество на Tендер за извршување на Консултантски услуги за консолидација на земјиште – превземи .pdf – download

Други вести и наслови

No comments found