Сугарески во ССК на средба со компаниите

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, оствари средба во Сојузот на стопански комори со Градежната комора на Македонија и Комората за геодетски работи. На средбата се дискутираше за законите во надлежност на Министерството за транспорт и врски кои се во функција на подобрување на работата за компаниите во секторот.

Претседателот на Градежната комора на Македонија, Ивица Јаќимовски, истакна дека институциите и компаниите во секторот градежништво како во делот на високо градба, така и во делот на ниско градбата треба да работат заедно на подобрување на условите.
„Во делот на ниско градбата генерална оценка за годинава е дека има одредена реализација, таму каде што како инвеститор се јавува државата, во реализација на инфраструктурни проекти во делот на гасоводна мрежа, патна инфраструктура и слично. Заеднички стремеж во 2020 на сите учесници во секторот градежништво треба да биде максимално вложување согласно предвидената динамика за реализација на проектите во целост. Локалната самоуправа врз база на своите надлежности да се придржуваат до Законите кои се во надлежност на Министерството за транспорт. Во 2020 треба да се дозволи приватниот сектор да може да инвестира се со цел придвижување на градежништвото, а со тоа и зголемување на економскиот раст. Сите инволиврани страни во системот треба да вложат максимални напори за реализација на предвидените проекти, а со тоа и зголемување на животниот стандард“, изјави Јаќимовски и додаде дека Законите кои се во надлежност на Министерството за транспорт и врски треба да се применуваат доследно, соодветно да се почитуваат роковите предвидени во Законот за градење и Законот за просторно урбанистичко планирање, како и да продолжи воспоставената пракса која ја имаме на заедничко учество при донесување на новите Закони.

Горан Јованоски, претседател на Комора на трговски друштва за геодетски работи истакна дека приватните геодетски фирми, коишто ги застапува геодетската комора се едни од главните носители во извршувањето на самиот процес на легализацијата.

„Имено, со подготовката и издавањето на геодетските елаборати, геодетските
фирми се директни учесници во целокупниот процес на легализацијата. Со новиот закон за легализација на бесправно изградените објекти би се отворил нов фронт за работа за приватната геодетска пракса, но исто времено, би се излегло пресрет на сите граѓани, коишто од различни причини ги пропуштиле претходните рокови за поднесување на барања за легализација“, изјави Јованоски и додаде дека Комората на трговски друштва за геодетски работи треба да биде информирана и консултирана за Законските измени со цел како професионалци во струката да имаат можност да го дадат доприносот во што поефикасно донесување и спроведување на законската регулатива.
Компаниите порачуваат следната година да има реализација без проблеми на најавените проекти во градежништвото. Раст и стабилност на градежниот сектор значи стабилност и за 26 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото.

Други вести и наслови

No comments found