Семинар и Годишното Собрание на ЦЛГЕ во Софија,

На покана на Советот на геодети на Европа (ЦЛГЕ), делегација од Комората на трговски друштва за геодетски работи во состав, претседател на Комората, м-р Горан Јованоски, член на Управниот одбор, м-р Надица Мишеска, член на Управниот одбор, м-р Никола Рибароски и секретарот на Комората, Наташа Тринпаревска во периодот од 21 до 23 март 2019 година, присуствуваа на Семинарот и Годишното Собрание на ЦЛГЕ во Софија, чијшто домаќин беше Комората на инженерите по геодезија во Р.Бугарија.

Настанот започна со одржување на Семинарот, кој започна во раните попладневни часови на 21-ви март 2019 година во просторот на Националниот музеј на земјата и човекот во Софија. Главна тема на Семинарот беше: Предизвиците за геодетите и дигиталната геоматика 2030 , при што официјално обраќање имаа заменикот-министер за регионален развој и јавни работи при Владата на Р.Бугарија, г.Валентин Јовев, понатаму г-ѓа Виолета Коритарова, директорка на Бугарската Агенција за геодезија, картографија и катастар, г.Иван Калчев, претседател на Комората на инженери по геодезија во Р.Бугарија. Исто така, поздравно обраќање до присутните на Семинарот имаше и претседателот на Советот на геодети на Европа, г. Морис Барбиери.

Модератор на Семинарот беше Генералниот секретар на ЦЛГЕ, г.Владимир Тикхонов, додека со свои презентации се претставија, заменик-претседателот на Управниот одбор на ЦЛГЕ, г.Томас Јакубеит од Германија и претставник од Бугарската Агенција за катастар. После завршувањето на официјалниот дел од Програмата, следуваше и официјално чествување и претставување на ГЕОДЕТОТ ЗА 2019 ГОДИНА – ЛОРАНД ЕОТВОС, за чиешто дело и придобивки, презентација одржа г.Золт Видовенуеч од Р.Унгарија.

Претседателот на ЦЛГЕ, г.Морис Барбиери потсети дека од минатата година па наваму, првиот ден на пролетта, 21-ви Март е официјално усвоен како Глобален (Светски) Ден на геодетите, така што и оваа година, тој заедно со Генералниот директор на Советот на геодетите на Европа, г. Жан-Ив Пирло во периодот од 25-29.03.2019 година ќе учествуваат на Конференцијата за земјиште и сиромаштија во организација на Светска Банка со седиште во Вашингтон, Соединетите Американски Држави, каде што ќе има и официјален прием и прослава по повод Глобалниот ден на геодетите.

Во продолжение на настанот, следуваше коктел со неформално дружење и комуникација на присутните гости од геодетската фела. Тие меѓусебе разменуваа корисни информации и искуства од работењето, но и даваа предлози и мислења за нови идеи и активности поврзани со претстојните проекти и настани на националните геодетски комори од регионот и пошироко.

Спорадично, настанот беше збогатен со програма од областа на културата, односно со музички перформанс на дела од класичната музика интерпретирани од одлична пијанистка и извонредно изведено акапело на женска музичка група, составена од три девојки.

Следниот ден, на 22.03.2019 година, претседателот на ЦЛГЕ, Морис Барбиери официјално го отвори пролетното Собрание на ЦЛГЕ за 2019 година, коешто во траење од два работни денови (22-23.03.2019 г.) се одржа во хотелот Рамада во Софија, Р. Бугарија. На ова Собрание од вкупно 39 членки на Советот на геодети на Европа, беа присутни 28 делегации меѓу кои и делегацијата од нашата земја, составена од 4-ца претставници од редовите на Комората и 3-ца претставници на Агенцијата за катастар на недвижности, која е корпоративна членка на ЦЛГЕ, во улога на спонзор на Советот.

За нашата Комора важно е да се потенцира дека согласно Агендата на настанот, во рамките на точката со број 8-б (3) од дневниот ред на Собранието, којашто беше предвидена за презентации на националните комори, покрај презентациите на Република Грција и Република Украина, големо внимание и интерес на присутните на настанот, предизвика презентацијата за улогата и активностите на Комората на трговски друштва за геодетски работи, која ја изготви и презентираше членот на Управниот одбор на Комората, м-р Надица Мишеска. Присутните делегати на Собранието, будно и со особено внимание ја следеа погореспоменатата презентација за Комората, за на крајот да ја поздрават со бучен аплауз и изразена поддршка за одличното презентирање.

Понатаму, во текот на попладнето беше одржана и работилница во врска со Годишниот извештај за 2018 година, изготвен од страна на Управниот одбор на ЦЛГЕ, и доставен до сите земји членки на Советот, како и дискусија за стратегијата на асоцијацијата за претстојниот период. Делегациите, присутни на Собранието беа поделени во две групи, при што Македонската делегација беше во втората група на којашто модератори беа г.Николас Смит, Главен благајник на Советот и г. Жан-Ив Пирло, Генерален директор на Советот. За време на работилницата, претставниците на Комората, покажаа значителен интерес и зедоа активно учесто во истата.

Истиот ден, во доцните попладневни часови, за делегатите на Советот на геодетите на Европа беше организиран автобуски превоз до хотелот Санкт Петерсбург во Пловдив каде беше одржана и свечена Гала-вечера по повод Празникот на геодетите во Р.Бугарија, во организација на Комората на приватни геодетски фирми од Р.Бугарија.

Следниот ден, на 23.03.2019 година во рамките на Дневниот ред на Собранието, согласно точката 17-б се изврши официјално потпишување на документот, односно Кодот за професионални квалификации од страна на претседателите на националните комори на трите делегации: од Република Северна Македонија, од Република Бугарија и од Република Албанија. Со чинот на потпишување на погореспоменатиот документ, официјално се потврдува фактот дека согласно актуелната законска и подзаконска регулатива во нашата земја целосно се имплементирани и се почитуваат условите за стекнато образование на дипломираните геодетски инженери, понатаму стекнување на соодветно искуство во областа на геодезијата, одржување на неопходните професионални квалификации преку обезбедување на континуирана едукација на геодетите, одржување на довербата и квалитетот во работењето со клиентите и манифестација на високи етички принципи во рамките на геодетските услуги. На овој начин, покажуваме дека условите и барањата согласно нашата легислатива и практика во целост се усогласени со условите за стекнување на овластување за овластен геодет и вршење на геодетски работи, предвидени со Европските регулативи по ова прашање.

Во продолжение на Собранието, согласно точката 11 заради поднесена оставка на делегатката од Шведска, г-ѓа Лиса Хамбреаус на функцијата вршење ревизија на финансиските активности и сметки во рамките на финансиската и сметководствена политика на ЦЛГЕ, на предлог на Управниот одбор на Советот, едногласно беше усвоена одлуката, делегатката од Македонската комора, м-р Надица Мишеска, заедно со г.Георги Домокос да биде ставена на позицијата ревизор, надлежна за извршување на ревизија на финансиските активности на ЦЛГЕ.

Во продолжение на Собранието, како еден од најочекуваните и значајни моменти за делегатите од Македонија, согласно точката 19-а од Агендата на Собранието од страна на претседателот на ЦЛГЕ, г. Морис Барбиери официјално беше соопштен и датумот на одржувањето на пролетното Собрание на Советот на геодети на Европа во Скопје, во периодот од 02-04.04.2020 год. За оваа номинација, претседателот на Комората на трговски друштва за геодетски работи, м-р Горан Јованоски заедно со сите членови на Управниот одбор од редовите на Комората, уште од есента 2016 година, односно од Собранието на ЦЛГЕ одржано во Рига, Латвија, па преку официјалното поднесување на кандидатурата за домаќини за организирање на ваков настан, поднесена на Собранието во Потсдам, Германија, кон крајот на месец септември 2017 година, ревносно работеа и вложија огромен напор и енергија за добивање на конечен датум за организирање на пролетното Собрание на ЦЛГЕ за 2020 година. Сето ова претставува уште еден аргумент повеќе дека претставниците на Советот на геодети на Европа и сите членки на оваа престижна асоцијација се наши добри пријатели и имаат доверба во претседателот на Комората, м-р Горан Јованоски и во членовите на Управниот одбор на Комората.

Во наредниот период како сериозна обврска на Комората и претстои организациски сериозно да се подготви за овој голем настан од европски ранг и во најдобро можно светло да го претстави фунционирањето на геодетската фела и градот Скопје.


ПРЕВЗЕМИ – Кодекс на професионални квалификации_23.03.2019_ГС-ЦЛГЕ_Софија.pdf

Други вести и наслови

No comments found