Претставници на Комората на КОНФЕРЕНЦИЈА НА ЗАПАДЕН БЛАКАН ЗА ГИС, ГЕОМАТИКА, ГЕОДЕЗИЈА И РУДАРСТВО

ИЗВЕШТАЈ ЗА РЕАЛИЗИРАНО СЛУЖБЕНО ПАТУВАЊЕ ВО ТИРАНА, Р.АЛБАНИЈА

ПО ПОВОД ПРВАТА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ЗАПАДЕН БЛАКАН ЗА ГИС, ГЕОМАТИКА, ГЕОДЕЗИЈА И РУДАРСТВО

во период од 02.10.2018 год. – 05.10.2018 год.

Претставници:

  • Никола Рибароски, член на УО на Комората;
  • Нијаз Даути, член на УО на Комората.

Во духот на взаемната соработка, којашто Комората ја има со Градежниот факултет-Скопје, по нивна препорака, Комората беше поканета да земе учество на погоре наведената Конференција. Врз основа на Поканата, доставена од претседателот на Албанската асоцијација за рударство и геоматика, професор Едмонд Хоџа и врз основа на одлука бр. 02-235/1 од 06.07.2018 година, донесена од страна на УО на Комората за трговски друштва за геодетски работи на РМ, како претставници на Комората реализиравме службено патување во Тирана, Р. Албанија.

Ова службено патување беше реализирано со сопствен превоз од Скопје, преку Струга на 02.10.2018 год. во 12,00 часот напладне, со пристигнување во Тирана во вечерните часови (околу 21 часот).

Сместувањето беше во хотелот “NEW W”, во Тирана.

Вечерта на 02.10.2018 год., сместувањето во хотелот и ноќевање.

Вториот ден (03.10.), согласно Агендата на настано во 9,00 часот наутро беше предвидено отворањето на Конференцијата каде свое обраќање имаа повеќе лица, од кои би ги издвоиле, претседателот на Организациониот комитет, професор Едмонд Хоџа, потоа претседателот на Меѓународната асоцијација за рударство, професор Анатолиј Охотин од Русија и професор Хуан Фан, Координатор на Проектот GEOWEB како дел од ERASMUS+ Програмата на Европската Унија.

Веднаш потоа следуваше презентацијата на Проектот GEOWEB и досегашните постигнати резултати од истиот. Учество во рамките на овој проект имаат сите земји од регионот, вклучувајќи ја и Р.Македонија со една институција.

GEOWEB e проект, како составен дел од ERASMUS + Програмата на Европската Унија за размена на студенти, образование и обука. Проектот има за цел модернизација на високото образование во областа на геодезијата за земјите од Западен Балкан, како и олеснување на интеграцијата на овие земји во Европската Унија. Специфичната цел е да се развие и да се започне нова магистерска програма за геодезија, да се развијат нови наставни планови за студиите по геодезија, да се воведе е-учење како нов педагошки метод, да се обезбеди квалитет и да се промовира регионална соработка во образованието и развојот на геодезијата.

По завршувањето на презентацијата и предвидената кафе-пауза, започна работниот дел од Конференцијата, со сесија за ГИС. Според Агендата, работниот дел од Конференцијата заврши со сесија посветена на рударството.

Како значајни моменти од овој ден на Конференцијата, би ги издвоиле запознавањето и разменувањето на искуства со професорот Едмонд Хоџа, претседателот на Организациониот комитет на Конференцијата и претседател на Албанската асоцијација за рударство и геоматика, понатаму стапувањето во контакт со професорот Анатолиј Охотин од Русија, којшто е претседател на Меѓународната асоцијација за рударство, како и запознавањето со г-от Спартак Ликај, сопственик на ГЕОВЈОСА, еден од организаторите на овој настан. Притоа, сите беа накратко запознаени со работата и активностите на нашата Комора.

Третиот ден (04.10.), во 9,00 часот наутрото следуваше продолжение на Конференцијата. И овој ден како и претходниот, презентациите беа поделени во две сесии, а помеѓу сесиите имаше пауза за ручек. Беа презентирани научни трудови од целиот регион, а истите се однесуваа на техниките за GPS мерењата, Картографија, GIS, INSDI, INSPIRE и др.

Согласно Агендата, Конференција заврши со свечена Гала вечера, на која беа доделени награди на различни институции и поедници од регионот. Во конкуренција за главната награда од Р.Македонија, беа номинирани две институции: Агенцијата за катастар на недвижности и Градежниот факултет – Скопје. Една од шесте главни награди за поединци и институции ја доби Градежниот факултет од Скопје, но од причина што единствени претставници од Р. Македонија беа делегатите на Комората, наградата му беше врачена на Никола Рибароски. При врачувањето на наградата и кусото обраќање на колегата Рибароски беше искористена можноста, јавно и пред сите тој да изрази благодарност во име на Градежниот Факултет во Скопје, а воедно и да ја претстави Комората.

Вредно е да се истакне дека на Гала вечерата беше остварен непосреден контакт со реномирани професори од регионот, како што се проф. Бранко Божиќ, декан на Геодетскиот факултет од Белград, проф.Меџида Мулиќ од Градежниот факултет во Сараево, проф. Весна Послончец – Петриќ од Геодетскиот факултет во Загреб и др.

Четвртиот ден (05.10.) после појадокот и одјавувањето од хотелот во 12,00 часот тргнавме за Скопје, преку Струга. Пристигнувањето во Скопје беше во текот на вечерта околу 22,00 часот.

Преставници на Комората:

Никола Рибароски, член на УО на Комората

Нијаз Даути, член на УО на Комората

Други вести и наслови