Oдржана прва обука за Овластени Геодети за 2018 година

Согласно Планот и програмата за задолжителни обуки наменети за овластените геодети за 2018 година, во организација на Агенцијата за катастар на недвижности на 10.04.2018 година (вторник) беше одржана Првата обука за овластените геодети за тековната 2018 година во просториите на Амфитеатарот 111 во рамките на Градежниот факултет во Скопје.

Како новитет во концептот на одржување на обуките за овластените геодети се воведува присуство на модератор, којшто дава краток вовед на настанот и го поканува презентерот на обуката да започне со презентацијата. На крајот на презентацијата, модераторот ги поканува присутните за дискусија во врска со темата на презентацијата со што обуката добива карактеристика на интерактивност.

Модератор на Првата обука за овластените геодети за 2018 година беше Дарко Буровски, вработен во Секторот за геодетски работи при Агенцијата за катастар на недвижности, додека презентер на обуката, м-р Љубиша Китановски, вработен во геодетската фирма Гео База ДОО – Тетово, презентирајќи ја темата: “Примена на беспилотни летала за катастарски цели”. Со оглед на акуелноста и сè поголемата примена на беспилотните летала во неколку различни области во светот и во нашето непосредно опкружување, меѓу кои и во рамките на геодетските активности, темата побуди значителен интерес кај присутните.

Од страна на презентерот беше квалитетно и јасно објаснето за почетоците и развојот на примената на беспилотните летала, презентирајќи конкретни примери и податоци од извршени истражувања од реномирани институции, по што беше даден заклучокот дека врз основа на брзиот развој на информатичката технологија и инженерството, примената на оваа технологија во областа на геодезијата е многу веројатна со надеж дека во блиска иднина ќе се создаде правна рамка со што истата би се користела во геодетската пракса.