Историски преглед

За првпат во Република Македонија почнувајќи од месец октомври 2005 година со Законот за изменување и дополнување на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите (Службен весник на Рм бр.84/2005) година и паралелна поддршка на Проектот на Светска Банка беше воведена приватната геодетска пракса, која подразбираше оперативните геодетски работи и геодетските работи за посебни намени како јавни овластувања да преминат во приватниот сектор.

Почнувајќи од 2006 година па до денес, голем дел од стручните геодетски лица вработени во тогашниот Државен завод за геодетски работи, како и други стручни геодетски лица се стекнаа со Овластување за овластен геодет и регистрираа трговски друштва за вршење на геодетски работи согласно измените во Законот.

Еден од основните услови, геодетските фирми за да се стекнат со лиценца за вршење на погореспоменатите геодетски работи, беше да имаат вработено најмалку еден овластен геодет, којшто во почетокот, подразбираше стручно лице со вишо геодетско образование и работен стаж во струката од најмалку 10 години и полагање на стручен испит од областа на геодезијата и од областа на правото, за да подоцна со стапувањето во сила на Законот за катастар на недвижности од 2008 година, критериумот се зголеми, односно беше потребно лицето да е дипломиран геодетски инженер со работно искуство во струката од најмалку 3 години, коешто задолжително полага стручен испит пред Комисија и се стекнува со звање и овластување за Овластен геодет.

До донесувањето на новиот Закон за катастар на недвижности во март 2008 година, вршењето на геодетски работи, кои се однесуваат на основните геодетски работи и премерот, како и геодетските работи за посебни намени, покрај приватниот геодетски сектор ги вршеше и Државниот завод за геодетски работи, а сè со единствена цел да не се створи правен вакум во функционирањето на Државниот завод за геодетски работи, односно во остварувањето на неговата надлежност за запишување на правата на недвижностите, а во интерес на граѓаните, имајќи го во предвид фактот малиот број во тоа време регистрирани трговски друштва за геодетски работи.

Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, своите почетоци ги бележи на 10-ти и 11-ти мај 2008 година, кога на Иницијативното Собрание за формирање на Комората на овластени геодети, одржано во Струмица, почитувајќи го Законот за катастар на недвижности (Сл.весник на РМ бр.40/2008), беа удрени темелите за формално организирање на овластените геодети во Република Македонија.

Во тој период, Комората на овластени геодети со седиште во Скопје, се етаблира како професионална, независна и непрофитна организација, која се грижеше за интересите, честа, правата и репутацијата на овластените геодети во Република Македонија. Нејзината цел беше дефинирана кон промоција, застапување и усогласување на заедничките интереси на сите овластени геодети, пред државните и владините органи, внатре во земјата и во странство, грижејќи се овластените геодети да ги користат најдобрите професионални практики и да ги извршуваат задачите во согласност со Законот. Сето ова заради заштита на јавниот интерес, развивање на геодетската дејност во Македонија и во крајна линија јакнење на позициите на геодетската фела генерално. Во тое време, Комората на овластени геодети имаше јавни овластувања утврдени со Законот, кои се однесуваа на постапката за стекнување, продолжување, престанок и одземање на овластувањето за овластен геодет. Финансирањето на Комората се обезбедуваше самостојно, преку годишна членарина од членството и котизации за посета на задолжителните едукативни настави.

Комората на овластени геодети преку своите органи и тела на управување: Собранието, Управниот одбор и Претседателот на Комората изготви Статут, Програма и други општи акти за поуспешно извршување на утврдени активности на полето на геодезијата, но и активно учество на воспоставување и развивање на соработка со други Комори на геодети и меѓународни организации на геодети и/или инженери, како и други професионални организации и здруженија.

Во овој контекст од огромно значење е придонесот на Комората во иницијативата за формирање и организациона поставеност на Балканската геодетска асоцијација, како и полноправното членство во рамките на етаблираниот и влијателен Совет на геодети на Европа или скратено ЦЛГЕ со седиште во Брисел, Белгија каде што во моментов членуваат 36 земји од Европа со што ја докажавме нашата детерминација да бидеме дел од Европа и да ги доближиме актуелните европски трендови од областа на геодезијата и геоинформатиката.

Во овој дел, неизбежно е да се спомене одличната соработка и придобивка на Комората со професионалните геодетски асоцијации и Комори од регионот на Балканот. Во тој контекст, се одличните релации со Асоцијацијата на геодетски фирми од Република Бугарија, со која во целиот изминат период имаме одлична соработка, понатаму Комората на геодетски инженери и архитекти од Република Хрватска, којашто беше главниот промотор и поддржувач за прием на Комората во Советот на геодети на Европа, како и Сојузот на геодети на Република Србија, со кој остваруваме значајни контакти и размена на заеднички искуства.

Сето ова во насока на промоција и вреднување на статусот геодет како професионална определба и вокација, Комората за прв пат на 7-ми мај во 2012 година на Редовно Годишно Собрание во Охрид, го воведува празнувањето на Денот на геодетите во Република Македонија, чиј датум симболично се поклопува со датумот на приемот на Комората во Европската Геодетска Асоцијација, којшто настан се случи на 7-ми мај 2011 година во Опатија, Република Хрватска.

Комората на овластени геодети броеше 280 членови, од коишто мнозинството беа вработени во приватни геодетски фирми, понатаму еден дел од 70-ина овластени геодети вработени во Агенцијата за катастар на недвижности и 30-ина овластени геодети, вработени во областа на градежниот сектор и јавните претпријатија.

Исто така, мал дел од оваа категорија, веќе се и пензионери, колеги, коишто сосема заслужено уживаат во плодовите од својот минат труд на терен, но и понатаму останаа активни со несебичен придонес и споделување на стекнатите искуства за развој на Комората, чиишто залагања и ангажмани, членовите на Комората ги препознаа и официјално преку признанија, благодарници и плакети ги вреднуваа и афирмираа нивните придобивки.

Како таква формација, Комората функционираше сè до крајот на месец мај 2013 година, кога согласно Законот за катастар на недвижности (Сл.весник на РМ бр.55/2013), врз основа на актуелните законски измени се трансформира во Комора на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи или скратено Комора на трговски друштва за геодетски работи, и сето тоа на Редовното Годишно Собрание во Струмица, на петтиот роденден од основањето на Комората на овластени геодети.

Согласно актуелните позитивни законски прописи и подзаконските акти, Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи како правен наследник на Комората на овластени геодети, го штити угледот и честа на вршењето на геодетската дејност и се грижи за извршувањето на теренските геодетски работи.

Комората на трговски друштва за геодетски работи има јавни овластувања во делот за издавање и одземање на лиценца за вршење на геодетски работи и го води Именикот на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи.

Во текот на изминатите години до денес, Комората брои 141 лиценцирани геодетски фирми и 5 подружници, од кои 50-ина се лоцирани во Скопје. Во овој контекст, неизбежно е да се потенцира дека со воведувањето на приватната геодетска пракса, геодетската струка доживеа своевиден бум на пазарот на труд, или вистински зенит во секторот за услужни дејности, како поле за работа во офанзива, кое во себе содржи огромни потенцијали и фронтови за работа, заедно со човечки високо образовни ресурси, поткрепени со модерни мерни и информатички технологии, имплементирани во современи геодетски уреди и инструменти.

Овластените геодети вработени во приватниот геодетски сектор и здружени во Комората на трговски друштва за геодетски работи со помош и соработка со Агенцијата за катастар на недвижности ги разрешуваа практичните проблеми со кои се сретнуваа во извршувањето на геодетските работи, а постапувањето спротивно на Законот, се разбира беше санкционирано.

Од организационен аспект Комората е организирана на следниот начин:

  • Собрание,

  • Управен одбор и

  • Претседател на Комората.

Собранието е највисок орган на управување и истото се состанува редовно еднаш годишно, а по потреба може да се закаже и вонредна седница. На седницата е потребно присуство од најмалку половина од вкупниот број на членки на Комората-овластени застапници по закон на фирмите,а одлучува мнозинството од присутните.

Управниот одбор е составен од седум члена од кои четири члена од редот на приватните трговски друштва за геодетски работи, и тројца членови од редот на вработените во Агенцијата за катастар на недвижности, кои ги делегира директорот на Агенцијата.Тие се избираат со мандат од четири години со можност за уште еден реизбор.

Претседателот на Комората, воедно е и претседател на Управниот одбор на Комората. Тој е овластено лице, коешто ја претставува и ја застапува Комората во земјата и во странство. Претседателот го избираат членовите на Собранието за време од четири години со право на повторен реизбор за уште еден мандат.

Во изминатиот период, па сè до денес, кога согласно Законот за катастар на недвижности од 2008 година на приватните геодетски фирми им беа доверени голем број на задолженија и професионални обврски. Тие преку извршувањето на геодетските работи, во делот на реализација на урбанистички планови, експропријација, приватизација на градежно земјиште, физичка делба, легализација на бесправно изградени објекти и делови од објекти, ажурирање на геодетски подлоги и друго, покажаа дека сè на висина на поставените задачи, а воедно докажаа дека поседуваат сериозен оперативен и стручен капацитет, знаење и подготвеност да одговорат на поставените предизвици.

Големиот број на решени предмети на странките се јасен показател дека приватниот геодетски сектор го достигна нивото на достоен и респектиран партнер на Агенцијата за катастар на недвижности.

Исто така, во годините наназад се потврди фактот дека работењето на приватните геодетски фирми е на високо професионално ниво, и приватниот геодетски сектор претставува неопходен сервис на граѓаните во сферата на геодетските услуги, чиишто проблематики во најголем број случаи се поврзани со решавање на сопственоста на земјиштето и недвижниот имот.